УКРАИНА НЕ ЗАСЛУЖУВА ДА ЗДИВНЕ, МОЖЕ ДА ДОБИЕ ЕДЕН ДЕН ПРИМИРЈЕ ЗА ОДРЖУВАЊЕ ИЗБОРИ, КАЖА КРЕМЉ

    УКРАИНА НЕ ЗАСЛУЖУВА ДА ЗДИВНЕ, МОЖЕ ДА ДОБИЕ ЕДЕН ДЕН ПРИМИРЈЕ ЗА ОДРЖУВАЊЕ ИЗБОРИ, КАЖА КРЕМЉСпоред уставот, изборите во Украина не се можни додека земјата е во воена состојба (Фото: АП)

    Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Украина не заслужува да здивне, што би го добила со прекинот на огнот. Тој реагираше на изјавата на Володимир Зеленски дека 60-дневен прекин на огнот би ѝ овозможил на Украина да одржи претседателски избори.

    „Од безбедносен аспект, одржувањето избори е целосно невозможно, бидејќи нападите се случуваат дење и ноќе“, рече Зеленски по коментарите на Доналд Трамп дека е време Украина да добие нов претседател.

    Според уставот, изборите во Украина не се можни додека земјата е во воена состојба.

    „За време на каков било прекин на огнот, Европа би можела да ја снабдува Украина со ново оружје за да може таа да ја продолжи војната. Зеленски ќе употреби какви било зборови, какви било иницијативи, за да добие пауза. Не мислам дека тој го заслужува тоа. Нема повторно да наседнеме на тие уверувања и ветувања“, кажа Лавров.

    И портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека Украина може да добие само еден ден примирје за да одржи избори.

    „Ако навистина сакаат да одржат избори, Владимир Путин ќе биде подготвен да издаде наредба да не се изведуваат напади врз Украина на денот на изборите. Ова е многу важно појаснување. Шеесетдневно примирје предложено од Володимир Зеленски би ѝ овозможило на Украина да ги зацели своите рани и да ја продолжи војната“, изјави Песков.

    Трамп вчера објави дека Русија и Украина договориле енергетско примирје, што Москва досега не го коментираше. Место тоа, Зеленски изјави дека Русија денеска нападнала шест енергетски објекти низ Украина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира