Советникот на претседателот Зеленски, Олексиј Арестович, призна дека Лисичанск e пред пад, што би им овозможило на руските сили да го контролираат целиот регион Луганск.
„Тоа е реална закана. Ќе видиме. Работите ќе станат појасни во наредните два дена“, изјави Арестович.
Тој кажа дека руските сили успеале да ја преминат реката Сиверски Доњец и му се доближуваат на градот.
Проруските сепаратисти вчера кажаа дека Лисичанск е целосно опколен, што беше демантирано од Киев, а руските медиуми денеска објавија снимки од парадирањето на руските сили по улиците на градот.
„Лисичанск е ставен под контрола, но и натаму не е целосно ослободен“, изјави амбасадорот на самопрогласената Народна Република Луганск во Русија, Родион Мирошник.
Лисичанск беше изложен на жестоки гранатирања откако руските сили го освоија соседниот град Северодоњецк минатиот месец.