Украинската војска во изминатиот месец ослободила повеќе од 600 населени места кои биле окупирани од Русија, вклучувајќи 75 во стратешки важниот регион Херсон, објави Министерството за реинтеграција на привремено окупирани територии. Локалните проруски власти вчера им сугерираа на жителите на Херсон да се евакуираат, навестувајќи дека украинските сили напредуваат.
Од министерството кажаа дека се ослободени 502 населени места во регионот Харкив, каде што украинските сили минатиот месец ги изненадија Русите со брзата противофанзива. Во регионот Доњецк биле ослободени 43, а во Луганск седум населени места, што кажува дека Русија моментално нема целосна контрола врз ниеден од четирите незаконски анектирани региони.
Русија кажа дека ќе ја помогне евакуацијата на жителите на Херсон, што првенствено се однесува на оние кои живеат на западниот брег на реката Днепар. Се очекува првите цивили денеска да пристигнат во рускиот регион Ростов.
Во почетокот на октомври, украинската војска ја проби руската одбрана на југот во најголемиот напредок на овој фронт од почетокот на војната.
„Никој не се повлекува, никој не планира да ја напушти територијата“, изјави Кирил Стремусов, заменикот на прорускиот лидер на Херсон, во обид да го намали значењето на најавената евакуација.