Украинската војска потврди дека се повлекла од источното рударско гратче Соледар околу кое се водеа најжестоките борби во изминатите недели.
„По неколку месеци тешки борби, одбранбените сили на Украина го напуштија Соледар во регионот Доњецк, со цел да се зачуваат животите на војниците“, изјави портпаролот на војската Серхиј Череватји.
Русија пред десетина дена објави дека ја презела контролата врз Соледар, додека Киев тврдеше дека и натаму се водат борби. Воените аналитичари сметаат дека Соледар нема големо стратешко значење зашто станува збор за мал град, но неговото освојување е прв воен успех за Русија од август.
Битката за Соледар, кој пред војната имал 10.000 жители, ја водеа главно платениците на приватната компанија „Вагнер“, но руската војска кажа дека и нејзините единици учествувале.