УКРАИНСКАТА ВОЈСКА СЕ БЛИЖИ КОН ОКУПИРАНИОТ ЛУГАНСК, ВЕЛАТ ПРОРУСКИТЕ ВЛАСТИ

    УКРАИНСКАТА ВОЈСКА СЕ БЛИЖИ КОН ОКУПИРАНИОТ ЛУГАНСК, ВЕЛАТ ПРОРУСКИТЕ ВЛАСТИУкраинско знаме се вее над уништената зграда на градското собрание на Изјум (Фото: АП)

    Фронтот во источна Украина се ближи кон границите на сепаратистичката Народна Република Луганск, изјави нејзиниот воен командир Валери Марченко.

    Руските сили ја презедоа контролата врз целиот регион Луганск откако ја почнаа инвазијата во февруари. Но, тие беа потиснати во брзата украинска противофанзива, која почна минатата недела и Марченко призна дека новата линија на фронтот сега е поблиску до самопрогласените граници на НР Луганск.

    Украинската војска кажа дека нејзина следна цел се градови во Донбас, откако ослободила територија од 8.000 квадратни километри во североисточниот регион Харкив. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Украина остварила значителни успеси, но предупреди дека војната, сепак, ќе потрае.

    Иако Русија сè уште контролира една петина од Украина, градовите во Донбас што ги освои во раната фаза од војната сега се под закана од украинските сили. Украинскиот гувернер на Луганск, Серхиј Гајдај, кажа дека украинската војска стигнала до стратешки важниот град Лиман, кој падна во мај. Лиман се наоѓа само 50 километри од градот Доњецк.

    „Во Лиман се водат жестоки борби, кои можеби ќе траат неколку дена“, напиша Гајдај на Телеграм.

    Тој додаде дека ослободувањето на Изјум и Купјанск би можело да ги наруши руските линии на снабдување кон Северодоњецк и Лисичанск, за кои се водеа некои од најжестоките борби во војната.

    Кремљ призна дека руските сили заминале од некои источни градови, но одби да го нарече тоа повлекување, туку прегрупирање. Украинскиот напредок ги изненади руските сили, кои зад себе оставиле големи количества воена опрема и муниција, но и руски учители кои биле доведени на окупираните територии. Дел од нив се уапсени и ќе се соочат со обвиненија, кажа украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира