Поморски дрон експлодираше во романското црноморско пристаниште Констанца во близина на нафтен терминал, без да предизвика жртви, при што Украина ја обвини Русија дека манипулирала со едно од нејзините пловила пред да отплови во романските води.
Украинската морнарица соопшти дека изгубила контрола врз еден од нејзините дронови додека бил на мисија во Црното Море како резултат на руско електронско мешање и се насочил кон брегот.
„Ја контактиравме романската страна за да ја предупредиме и да спречиме жртви“, соопштија од украинската морнарица.
Експлозијата се случи една недела откако руски дрон се урна во станбена зграда во југоисточниот романски град Галаци во близина на границата со Украина, при што беа повредени две лица. По денешниот инцидент, руската амбасада во Романија соопшти дека Русија не била вмешана и дека дронот не бил руски.
Министерството за одбрана на Романија соопшти дека дронот се самодетонирал околу четири часа откако биле известени за неговото присуство. Пристаништето беше евакуирано, како и над 1.000 луѓе од плажите на Црното Море и делтата на Дунав.
Пристаништето во Констанца е најголемо во Романија и Украина го користи како алтернативна рута за извоз на жито и за увоз на гориво.



