Опозициските лидери на Украина потврдија дека се сретнале со членови на најблискиот тим на Доналд Трамп, но негираа дека се дел од заговор на Белата куќа за соборување на Володимир Зеленски.
Бившиот претседател Петро Порошенко кажа дека имал разговори со американски функционери, но додаде дека се противи на барањето на Трамп за одржување избори во воено време. Порошенко, кој изгуби од Зеленски во 2019, изјави дека нови избори треба да се одржат дури откако ќе заврши воената состојба во Украина.
И бившата украинска министерка за надворешни работи Јулија Тимошенко изјави дека се противи на идејата за одржување избори додека траат борбите.
„Мојот тим разговара со сите наши сојузници во обид да се осигура траен мир што е можно побрзо“, кажа Тимошенко.
Сајтот „Политико“ објави дека се одржале тајни разговори како дел од обидот на Белата куќа за отстранување на Зеленски од функцијата. Во разговорите учествувале четири високи функционери на Трамп, кои веруваат дека Зеленски би изгубил на избори.
Трамп во неколку наврати го опиша Зеленски како диктатор кој одбива да организира избори. Петгодишниот мандат на Зеленски истече во мај минатата година, поради што Русија вели дека тој нема легитимитет. Украинските власти велат дека поради руската агресија и воената состојба во земјата е невозможно да се организираат избори.