Досегашниот унгарски министер за правда Ласло Трочањи и официјално е номиниран за нов комесар за европроширување, функција што во претходната европска влада ја извршуваше Јоханес Хан.
На денешната прес-конференција во Брисел, новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги објави имињата на кандидатите кои ќе ги водат 27-те ресори во нејзината администрација. Тие сега треба да поминат низ процес на сослушување пред соодветните комисии во Европскиот парламент пред да биде потврден нивниот избор до 1 ноември.
Трочањи беше министер за правда од 2014 до 2019 година и иако не е член на владејачката партија Фидес, тој ја предводеше нејзината листа на последните избори за Европски парламент и важи за лојален на премиерот Орбан. Во неговата биографија стои и дека бил судија на Уставниот суд на Унгарија и амбасадор во Франција и Белгија.