Некогашниот симбол на новинарството и една од најпрепознатливите згради во Загреб, кулата на „Вјесник“, денеска е урната, седум месеци откако целосно изгоре во пожар. За палењето се обвинети двајца 18-годишници, кои се товарат за тешко кривично дело против општа безбедност.
Во обвинението се вели дека тие ја запалиле зградата на 17 ноември 2025 по претходен договор. Една недела подоцна, властите потврдија дека зградата ќе се урива зашто поради статичките оштетувања на конструкцијата, едно од архитектонските обележја на Загреб не е сигурно.
Отворена во 1972 година, зградата своевремено била дом на дваесетина новински редакции, вклучувајќи го „Вјесник“, еден од најголемите дневни весници во Југославија. Неговото постепено пропаѓање започна со процесот на приватизација по осамостојувањето на Хрватска, а престана да излегува во 2012 година.



