Американските регулатори ја одобрија и втората вакцина против ковид-19, развиена од „Модерна“, овозможувајќи веднаш да се почне со дистрибуцијата на милиони дози. Ова следува само пет дена откако САД ја почнаа имунизацијата на населението со вакцината на „Фајзер/Бионтек“.
САД нарачаа 200 милиони дози од вакцината на „Модерна“, од што шест милиони веднаш се подготвени за испорака.
„Ова е уште еден клучен чекор во борбата против оваа глобална пандемија, која предизвикува голем број хоспитализации и смртни случаи во САД секој ден“, изјави директорот на Агенцијата за храна и лекови (ФДА), Стивен Хан.
САД планираат да вакцинираат 100 милиони луѓе до април.
Регулаторите оваа недела соопштија дека вакцината на „Модерна“ дава 94-процентна заштита, а втората доза се прима 28 дена после првата. Таа може да се чува на -20 Целзиусови степени, што ја прави поедноставна за дистрибуција од онаа на „Фајзер“.
Европска Унија нарача 80 милиони дози од вакцината на „Модерна“, а одобрувањето се очекува следниот месец.