Велика Британија стана прва земја на светот која го одобри лекот против ковид-19 што заеднички го развија американските компании „Мерк“ и „Риџбек“. Британските здравствени регулатори ја препорачаа употребата на „молнупиравир“ набргу по позитивен тест за ковид-19, односно во рок од пет дена од појавата на симптомите.
Ова е првпат да се одобри едно орално лекарство против ковид-19 и се очекува истото да го направат и САД следниот месец.
Справувањето со пандемијата досега се фокусираше на вакцините, а лековите како „ремдесивир“ и „дексаметазон“ главно им се даваат на веќе хоспитализирани пациенти.
Според податоците објавени минатиот месец, „молнупиравир“ ја намалува стапката на хоспитализација и смрт за 50% кај благо или умерено болни пациенти од ковид-19 кои имаат барем еден ризичен фактор. Лекот треба да се зема пет дена по двапати дневно.