Од 8 јуни, сите кои влегуваат во Велика Британија ќе одат во задолжителен 14-дневен карантин, објави владата. Мерката ќе се однесува и на британските државјани.
При влегувањето во земјата ќе мора да се наведе адресата за престој, за да можат соодветните служби да прават проверки.
Владата појасни дека оваа мерка се воведува дури сега за да се спречи втор бран на зараза со коронавирусот.
„Стапката на пренесување на вирусот во Велика Британија е во пад, но сега кога се зголемува бројот на луѓето кои влегуваат во земјата, се зголемува и опасноста од увезени случаи на коронавирус. Ја воведуваме оваа мерка за да спречиме уништувачки втор бран на коронавирус. Мора да гледаме во иднината и да ја заштитиме британската јавност“, изјави министерката за внатрешни работи Прити Пател.
Во Велика Британија досега има речиси 255.000 случаи на коронавирус и 36.393 починати.