Американските власти кажаа дека не очекуваат да пронајдат преживеани по трагичната несреќа во која патнички авион на „Американ ерлајнс“ се судри со воен хеликоптер при слетувањето на националниот аеродром „Роналд Реган“ во Вашингтон. Во авионот имало 64 патници и членови на екипажот, а во хеликоптерот тројца војници и досега се извадени 28 тела од реката Потомак.
Итните служби кажаа дека спасувањето се одвива во исклучително тешки услови поради силниот ветер и смрзнувачката вода во реката. Меѓу жртвите се и американски и руски уметнички лизгачи и тренери.
„Не веруваме дека некој ја преживеал несреќата“, изјави шефот на пожарникарите на Вашингтон, Џон Донели.
Американските медиуми објавија дека авионот се распаднал на неколку дела, додека хеликоптерот е главно недопрен.
Министерот за транспорт Шон Дафи изјави дека условите ноќеска биле јасни, а авионот и хеликоптерот летале по стандарден образец.
„Немало ништо необично во летањето на авионот и хеликоптерот“, кажа Дафи, додавајќи дека двете летала се лоцирани.
Федералната управа за воздухопловство објави дека несреќата се случила околу 21 часот по локално време, кога авион на „Американ ерлајнс“, кој летал од Вичита, Канзас, се судрил со воен хеликоптер кој бил на тренажен лет додека се приближувал кон пистата. Несреќата се случи во еден од најстрого контролираните и надгледувани воздушни простори на светот, нешто повеќе од пет километри од Белата куќа и Капитол.