Бугарија на десет дена ќе ги затвори рестораните, училиштата и трговските центри, почнувајќи од 22 март, во обид да го сопре ширењето на коронавирусот и со тоа да ги растовари болниците.
Во изминатите 24 часа, во земјата се регистрирани 4.201 нов случај на зараза и 136 починати од ковид-19, додека бројот на хоспитализирани лица се зголеми на 7.804, од кои 609 се на интензивна нега.
Овие бројки ја принудија владата да воведе ново десетдневно национално затворање во пресрет на парламентарните избори, закажани за 4 април. Мерката ќе ги опфати и теретаните, базените, театрите, кината, музеите и казината, а се забрануваат и сите приватни прослави со повеќе од 15 луѓе.
„Барам од сите политичари да мислат на народот и на животот и здравјето на граѓаните и да го покажат тоа на дело. Не ја политизирајте ситуацијата со ковид-19 во пресрет на изборите“, изјави министерот за здравство, Костадин Ангелов.