Во насилни инциденти изгоре половина од бегалскиот центар Морија на островот Лезбос. Повеќе од 60 отсто од шаторите во кампот се целосно уништени, а илјадници бегалци останаа и без покрив над глава и без огромен дел од личните работи. Сè уште не се знае каде ќе бидат сместени.
Грчката полиција уапси девет и приведе 18 бегалци кои ќе бидат изведени пред обвинител со обвиненија за учество во насилни инциденти во центарот.
Според медиумите на Лезбос, причина за инцидентите била информација во кампот дека поголемиот дел од бегалците не добиле азил и масовно ќе бидат вратени во Турција. Гневни поради информацијата, неколку стотици бегалци го напуштиле кампот и тргнале кон центарот на градот да протестираат против одлуката. На половина пат полицијата ги вратила назад, бидејќи во центарот истовремено протестираа и националистички групи кои бараат да се преселат дел од бегалците на други места поради постојаните инциденти на островот, како и групи кои се солидаризираат со бегалците.
Штом бегалците се вратиле во центарот, почнале сцени на целосен хаос. Гневни на ситуацијата, група бегалци палеле шатори и други работи од што и почнал неконтролиран пожар низ целиот простор. Истовремено почнале и насилни судири меѓу бегалци од различни националности. Семејствата со мали деца се обидувале да се спасат и да избегнат повреди, евакуиран бил делот каде се сместени бегалци малолетници без придружба, а по кусо време речиси сите бегалци масовно избегале од центарот, оставајќи сè што имаат зад себе за да го избегнат најлошото. Пожарните служби околу еден час не можеле да влезат во центарот поради проблемите. Пожарот се проширил и надвор од центарот и, покрај шаторите и личните работи на бегалците, уништени се и огромен број ниви и имоти на локалното население.
Материјалната штета, но и вознемиреноста на бегалците и на локалното населени се огромни. Грчката влада денеска има итна седница за да се направи план за Лезбос, како да им се помогне на бегалците, но и на жителите на островот. Првичен предлог е да се донесе голем брод каде ќе бидат привремено сместени неколку илјади бегалци додека не се изгради нов бегалски центар.