Таблетата екстази во облик на главата на американскиот претседател Доналд Трамп е потенцијално смртоносна и не треба да се зема под никакви околности, предупреди холандски институт за дрога.
Апчињата се достапни во различни бои и на нив се печатени зборовите „Трамп“ и „НЛ“, според црвеното предупредување издадено од Институтот Тримбос, центар за истражување на дроги и зависности со седиште во Утрехт.
„Во моментов не е можно да се знае колку апчиња се во оптек, но биле примени на повеќе локации за тестирање дрога“, изјави Аниек Гротхуис, портпаролка на Институтот.
Оттаму предупредија дека таблетите содржат многу голема количина на супстанца наречена пара-метоксиметамфетамин или ПММА, која е многу поопасна од МДМА, активната состојка во екстази.
„Неколку часа по земањето на ПММА ненадејно можат да се појават симптоми како гадење, забрзано чукање на срцето и екстремно покачена телесна температура. Земањето на апчето може да доведе до прегревање со потенцијално фатални последици, иако досега нема пријавени смртни случаи“, кажа Гротхуис.



