Ширењето на коронавирусот во Кина успорува благодарение на строгите мерки на карантин, но затоа бројката новозаразени значително се зголемува во остатокот од светот, додека светските лидери предупредуваат дека сегашната ситуација може да доведе до рецесија во некои земји.
Кина во последните 24 часа пријави 38 смртни случаи, но и пад на бројката на новозаразени трет ден по ред, откако имало само 119 нови случаи. За разлика од Кина, во Италија има нови 428 случаи на коронавирус, како и уште 28 починати, со што вкупната бројка порасна на 80.
Позитивен тест на коронавирус имале и 15 италијански државјани во Индија.
Во Јужна Кореја, втората најпогодена земја, досега има 33 починати, како и нови 516 заразени.
Полска е последната земја која го потврди првиот случај на коронавирус, додека бројката заразени во САД порасна на повеќе од 120, при што деветмина починаа.
Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека снемува маски и друга заштитна опрема за лекарските служби поради нивно панично купување.
„Загрижени сме за способноста на некои земји да одговорат на ширењето на коронавирусот поради драстичното намалување на глобалните залихи на лична заштитна опрема. Не можеме да го запреме КОВИД-19 ако не ги заштитиме медицинските работници“, изјави шефот на СЗО Тедрос Адханом Гебрејесус.