Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, прогласи 35-часовен полициски час во градот, почнувајќи од вечерва, откако Русите ги засилија бомбардирањата.
„Ќе биде забрането да се движи низ градот без специјална дозвола, освен за одење во скривница. Киев е срцето на Украина и ќе биде одбранет. Нема да го предадеме Киев. Ова е тежок и опасен момент за градот и затоа барам од жителите да бидат подготвени да останат дома два дена, односно во скривниците ако се огласат сирените“, изјави Кличко.
Втор ден по ред, во Киев гореа висококатници откако беа погодени во руските воздушни напади. Кличко кажа дека во денешното ракетирање загинале четири лица.
Киев досега беше поштеден од жестоки борби, за разлика од Харкив и Мариупол, но руската војска се доближува до градот.