Речиси 9.000 украински војници загинаа во војната со Русија, кажа врховниот командант на Украинската армија Валери Залужни. Ова е првпат да се спомене конкретна бројка на загинати од страна раководството на украинската војска од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.
Залужни на прес-конференција кажа дека треба да им се оддаде почест на воените ветерани и на фамилиите на загинатите. Тој кажа и дека треба да се заштитат децата во неколку делови од земјата, вклучувајќи го и главниот град Киев.
„Тие не разбираат што навистина се случува е дефинитивно им е потребна заштита, бидејќи нивните татковци се отидени на фронтот и може да се меѓу 9-те илјади херои кои загинаа“, кажа Залужни.
Украинскиот генерал не откри детали и не кажа дали во бројката се вклучени припадниците на сите вооружени сили на земјите, како пограничната служба.
Залужни не кажа колку цивили загинале, ниту даде проценка колку руски војници загинале.