ВОЕНА АКЦИЈА ВО КОЛУМБИЈА МИ ЗВУЧИ ДОБРО, ВО КУБА НЕ Е ПОТРЕБНА ЗАШТО САМАТА ЌЕ ПРОПАДНЕ, РЕЧЕ ТРАМП

    ВОЕНА АКЦИЈА ВО КОЛУМБИЈА МИ ЗВУЧИ ДОБРО, ВО КУБА НЕ Е ПОТРЕБНА ЗАШТО САМАТА ЌЕ ПРОПАДНЕ, РЕЧЕ ТРАМПТрамп го опиша претседателот на Колумбија како болен човек кој прави кокаин (Фото: АП)

    Доналд Трамп му се закани на колумбискиот претседател Густаво Петро по американската акција за фаќање на Николас Мадуро во Венецуела, а за кубанската влада кажа дека веројатно самата ќе падне наскоро.

    Бројни држави го осудија американскиот упад во Венецуела, при што владите на Шпанија, Бразил, Чиле, Куба, Уругвај и Мексико заеднички соопштија дека тоа е опасен преседан за мирот и регионалната безбедност.

    „Венецуела и Колумбија се многу болни, владата во Богота е водена од болен човек кој сака да прави кокаин и да го продава во САД. Но, нема уште многу долго да го прави тоа“, кажа Трамп.

    Запрашан дали мислел на американска акција против Колумбија, Трамп одговори:

    „Добро ми звучи тоа“.

    Овие коментари предизвикаа остра реакција од Петро, ​​кој му порача на Трамп да „престане да го клевети“ и истовремено ги повика латиноамериканските земји да се обединат или ризикуваат да бидат третирани како слуги и робови.

    „САД е првата земја која бомбардирала главен град на држава во Јужна Америка во човечката историја. Но, одмаздата не е одговор. Место тоа, Јужна Америка мора да се обедини и да стане регион способен да разбира, тргува и да се здружува со целиот свет“, напиша Петро на Икс.

    Трамп ги повтори заканите дека американската војска ќе се врати во Венецуела ако таа не се однесува добро.

    „Многу Кубанци загинаа во Каракас, но американска воена интервенција во Куба не е потребна зашто таа самата ќе пропадне. Куба нема приходи. Целиот приход го добиваше од Венецуела, од нејзината нафта, а веќе нема да добива ништо од тоа. Куба е буквално спремна да падне“, изјави Трамп.

    Тој го предупреди и Мексико, велејќи дека САД ќе мора да преземат нешто ако не се спречи протокот на дрога.

    „Мексиканската влада е способна да одговори на ова, но, за жал, картелите се многу моќни во Мексико. Поради тоа, спремен сум да испратам трупи во Мексико“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира