Се верува дека сондата „Војаџер 1“ поминала растојание што не го постигнало ниедно друго вселенско летало од Земјата, врз основа на напредни пресметки на НАСА, додека сондата се движи низ празнината на меѓуѕвездениот простор.
Според НАСА, роботската сонда, лансирана во 1977 година, денеска достигнала еден светлосен ден од Земјата, растојанието што светлината го патува за 24 часа, поминувајќи околу 26 милијарди километри. Службениците во лабораторијата на НАСА во Калифорнија ќе мора да почекаат околу еден ден за да добијат сигнал од сондата, со што ќе се потврди дека го достигнала ова растојание.
„Достигнувањето на еден светлосен ден е неверојатен подвиг, нешто што никогаш не очекував да го видам“, рече раководителката на проектот „Војаџер“, Сузан Дод.
„Војаџер 1“ лета со речиси 61.000 км/час. Во 2012 го премина надворешниот раб на хелиосферата, заштитен меур од честички и магнетни полиња произведени од сонцето, за да влезе во меѓуѕвездениот простор. Неговиот близнак „Војаџер 2“, исто така, беше лансиран во 1977 година и влезе во меѓуѕвездениот простор во 2018.
Од лабораторијата изјавија дека неодамнешните мерки за заштеда на енергија би можеле да им дадат на двете вселенски летала „Војаџер“ доволно енергија за да останат во комуникација со Земјата уште три-четири години.
„Војаџер 1“ патуваше покрај Јупитер и Сатурн претходно во својата мисија и продолжува да собира научни податоци.



