Илјадници луѓе се собраа денеска на протестот што го организираа синдикатите на војската и на полицијата, незадоволни од материјалниот статус на вработените во секторот безбедност и од општата состојба во земјата. Ним им се придружија и студентите и граѓаните што од победата на актуелниот премиер Александар Вучиќ на претседателските избори во Србија секој ден организираат „Протести против диктатурата“.
И покрај дождот, протестната поворка се упати до Министерството за внатрешни работи во Нов Белград. На чело на колоната беше транспарентот „Народот гладува, елитата се радува“, а учесниците цело време свиреа со свирчиња и пееја, со извици „Вучиќ крадецу“ и „Ав, ав“.
Протестната прошетка и собирот траеја вкупно четири часа, а минаа без инциденти. Според проценката на репортерите, на платото пред Палата Србија се собрале околу 15.000 луѓе, додека полицијата наведува дека ги имало околу 10.000.
Протестот почна пред зградата на владата со обраќања на претставниците на синдикатите на војската и на полицијата, кои порачаа дека протестот „е преточен во голема коалиција – војската, полицијата и народот“, како и дека „српската војска и полицијата секогаш ќе бидат покрај народот, а не покрај криминалците и крадците“.