Втората рунда на мировни разговори помеѓу Русија и Украина во Истанбул заврши по само еден час, ден по досега невидениот украински воздушен напад врз руски воздушни бази. Разговорите почнаа со два часа задоцнување, за што не беше дадено објаснување.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски кажа дека единствената работа која произлезе од разговорите е што беше договорена нова размена на воени заробеници, а најавена била и нова средба.
„Разговорите во Истанбул завршија и се очекува уште воени заробеници да бидат ослободени“, кажа Зеленски, додавајќи дека на Владимир Путин не смее да му се дозволи да одлучува кој може да се приклучи на НАТО.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Уремов изјави дека Русија го предала својот мировен меморандум и Украина ќе го проучува во следните седум дена пред да реши за натамошни чекори.
„Се разговараше за можна средба Зеленски-Путин со учество на Доналд Трамп, што би се одржала на крајот на месецот. Украина е спремна за целосно примирје, но Русија упорно го одбива“, изјави Уремов.
Шефот на руската делегација Владимир Медински изјави дека Русија ѝ понудила на Украина прекин на огнот од два-три дена за да можат да се соберат тела од некои делови на фронтот.
„Русија ќе ги врати останките на 6.000 украински војници следната недела“, рече Медински.
Пред почетокот на разговорите, гневните руски воени блогери ја повикаа Москва жестоко да му се одмазди на Киев, откако Украина во неделата го изведе еден од најамбициозните напади во војната, насочени кон руските бомбардери со долг дострел. Украина и Русија излегоа со сосема различни проценки за штетата на руската флота стратешки бомбардери, но јавно достапните сателитски снимки јасно покажаа дека Москва претрпела сериозни загуби на опрема.