Итно е потребно Европската унија да развие нова визија насочена кон Западен Балкан и да го направи проширувањето кон овој регион еден од своите приоритети, кажа италијанската премиерка Џорџа Мелони на конференција „Италија и Западен Балкан: раст и интеграција“ во Трст. Таа вели дека како соседна земја, Италија е свесна за клучното значење што го има регионот за иднината на цела Европа и од искуство знаат дека она што се случува од другата страна на Јадранот има непосредно влијание на нив.
Мелони потсети дека војната на агресија на Русија против Украина трае веќе 11 месеци и ja соочува Европа со неминовни стратешки избори. Според италијанската премиерка, Европа има голема одговорност кон Балканот и мора да се посвети себеси да го потврди чувството на припадност на регионот на нашиот свет и нашите вредности. Но, вели таа, важно е ЕУ да го поддржи регионот со конкретни мерки.
„Итно е потребно Европската унија да развие нова визија насочена кон овој регион и да го направи проширувањето кон Западен Балкан еден од своите приоритети. Не смееме да дозволиме овој стратешки дел од нашиот континент да остане надвор од нашиот ‘заеднички европски дом’ уште долго. Ова е причината зошто Италија ќе продолжи да се бори на првата борбена линија за да може да продолжи процесот на европската интеграција со уште повеќе одлучност. За нас, ова е работа од апсолутна важност за нашата национална безбедност и од таа причина не смееме да ја запоставиме“, рече Мелони.
Таа додаде дека целта на нејзината влада е да донесе „повеќе Италија на Балканот“.
„Нашите компании веќе се присутни во регионот, но мораме да го обновиме нашето присуство и да инвестираме во стратешки сектори. Тука не мислам само на инфраструктурата и енергетскиот сектор, туку и на развојот на мали и средни претпријатија, за кои италијанскиот модел може да понуди модерни искуства. Истовремено, мораме целосно да ги искористиме можностите кои што ги нудат компаниите од регионот“, вели Мелони.
На крај, таа рече дека безбедноста и растот на сите народи од Западен Балкан се клучни за националните интереси на Италија и затоа не е прашање дали да се фокусираат на еден партнер, па на друг и потоа да ги игнорираат другите.