ЗАПАДНАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА Е ВО ОПАСНОСТ ОД ПРОПАЃАЊЕ, ЕВРОПСКИТЕ НАЦИИ ТРЕБА ДА СЕ ВРАТАТ НА АНТИЧКИТЕ ГРЧКИ ВРЕДНОСТИ, КАЖА РУБИО ВО АТИНА

    ЗАПАДНАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА Е ВО ОПАСНОСТ ОД ПРОПАЃАЊЕ, ЕВРОПСКИТЕ НАЦИИ ТРЕБА ДА СЕ ВРАТАТ НА АНТИЧКИТЕ ГРЧКИ ВРЕДНОСТИ, КАЖА РУБИО ВО АТИНАРубио го опиша сегашниот период како раскрсница (Фото: Гети)

    Стоејќи пред Акрополот во Атина, американскиот државен секретар Марко Рубио се осврна на историјата на античка Грција во говорот во кој кажа дека западната цивилизација е во опасност од пропаѓање. Рубио рече дека светот е во пресвртна точка, а нациите, особено во Европа, треба да се вратат на античките грчки вредности и да ги обноват своите институции.

    „Веруваме дека Европа може да се разбуди од својот долг сон и повторно да го разгори огнот што беше тука пред милениуми“, рече тој.

    Додека зборуваше за соработка, Рубио кажа дека „нациите не треба да ги напуштат своите посебни идентитети за да ги препознаат своите заеднички интереси“. Тој во поголемиот дел од неговиот говор се фокусираше на поширока закана, опишувајќи го сегашниот период како раскрсница.

    „Патот што ќе го одбереме ќе одреди дали западот ќе го задржи своето место на чело на светот или ќе се помири со иднината на атрофија, ропство и пропаѓање. Следната деценија ќе ја напише приказната за следниот век“, изјави Рубио и повика на враќање кон „класичното разбирање на политиката и државништвото“.

    „Тоа треба да вклучи обновена национална гордост, која античките Грци ја прифатиле, но западот ја напуштил бидејќи се чувствувавме засрамено што нашите достигнувања нè издвојуваат од остатокот од светот. Зборот национализам стана валкан збор. Затоа ги урнавме нашите споменици, ја осудивме сопствената историја, ги отворивме нашите граници и дозволивме нашите војски да слабеат и да се распаѓаат“, порача Рубио.

    Посетата на Грција беше дел од неговата турнеја низ три членки на НАТО, која ги вклучува и Исланд и Португалија. Тој кажа дека САД и Грција започнуваат нова програма за размена на информации за борба против тероризмот, истакнувајќи дека Грција е особено изложена на закани од масовна миграција, трговија со луѓе и различни форми на терор.

    „Она што не сакаме да го видиме е родното место на западот да биде загрозено од лоши одлуки, неактивност и неуспех во справувањето со предизвиците. Грција е силен и примерен сојузник на НАТО и извор на стабилност во нестабилен свет“, кажа Рубио.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира