Лекарите во белгискиот град Лиеж биле замолени да продолжат со работа и доколку имаат коронавирус, среде драматичниот пораст на бројот на заразени и хоспитализирани во изминатиот период. Белгија е меѓу европските земји кои се борат со најтешкиот втор бран на ширењето на коронавирусот.
Речиси една четвртина од медицинскиот тим во градот е позитивен на коронавирус, па десет болници доставија барање и лекарите кои се заразени, а немаат симптоми да останат на работа. Шефот на Белгиската асоцијација на медицинските синдикати изјави дека немаат избор доколку не сакаат болничкиот систем да се распадне во наредните неколку дена.
„Свесни сме дека постои ризик од пренесувањето на вирусот на други пациенти“, кажа д-р Филип Девос.
Секој трет тест за коронавирус во овој источнобелгиски град излегува позитивен. Болниците ги префрлуваат пациентите на други места и ги откажуваат операциите кои не се итни откако министерот за здравство Франк Фанденбруке предупреди дека на земјата ѝ се заканува цунами од зараза бидејќи во некои делови веќе не може да се држи контрола.