ЗЕЛЕНИТЕ И КРАЈНАТА ДЕСНИЦА СЛАВАТ ИСТОРИСКИ УСПЕХ НА ИЗБОРИТЕ ЗА ЕВРОПСКИ ПАРЛАМЕНТ

    ЗЕЛЕНИТЕ И КРАЈНАТА ДЕСНИЦА СЛАВАТ ИСТОРИСКИ УСПЕХ НА ИЗБОРИТЕ ЗА ЕВРОПСКИ ПАРЛАМЕНТВицепремиерот на Италија Матео Салвини повика на формирање на нова десничарска алијанса во рамките на Европскиот парламент (Фото: АП)

    Европската народна партија (ЕПП) и Социјалисти и демократи (СД) остануваат двете најголеми групи во Европскиот парламент и по вчерашните избори, иако загубија голем број пратенички места, додека во исто време, значителен подем остварија зелените, либералите и крајната десница. ЕПП и СД ќе имаат вкупно 78 пратеници помалку во новиот состав на парламентот, покажуваат привремените резултати.

    Зелените, кои остварија одлични резултати во Германија, Франција, Шведска и Финска, ќе имаат 70 пратеници, дури 20 повеќе од досега, додека Либералите освоија 101 место.

    Крајната десница слави голема победа во Франција и Италија. Националниот фронт на Марин Ле Пен освои едно место повеќе од алијансата на претседателот Макрон, а со историски успех се пофали и владејачката партија во Италија, Лига. Таа освои меѓу 27% и 31% гласови, откако пред пет години беше на само 6%.

    „Се чувствува промена во воздухот. Ова е историски резултат. За првпат, Лига е партија број еден во Италија“, изјави лидерот на партијата и вицепремиер Матео Салвини.

    Во Унгарија, Фидес на Виктор Орбан однесе убедлива победа над поделената опозиција, освојувајќи 52,14% гласови. Орбан изрази надеж дека ова гласање ќе ги зајакне антиимиграциските политички сили низ Европа. Фидес досега беше дел од Европската народна партија, но сега би можела да се придружи на новата десничарска алијанса, предводена од Салвини.

    Излезноста на изборите беше 50,5%, што е најголем одзив од 1994 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира