ЗЕЛЕНСКИ БАРА ОД ЗАПАДНИТЕ СОЈУЗНИЦИ ПОДИРЕКТНО ДА СЕ ВКЛУЧАТ ВО ВОЈНАТА ВО УКРАИНА

    ЗЕЛЕНСКИ БАРА ОД ЗАПАДНИТЕ СОЈУЗНИЦИ ПОДИРЕКТНО ДА СЕ ВКЛУЧАТ ВО ВОЈНАТА ВО УКРАИНАЗеленски вели дека ситуацијата на фронтот е една од најтешките од почетокот на војната (Фото: АП)

    На западните сојузници им треба премногу време да донесат клучни одлуки за воена помош за Украина, вели претседателот Володимир Зеленски и ги повика да бидат подиректно вклучени во војната. Тој смета дека тие би можеле да помогнат во пресретнувањето на руските проектили над Украина и да му дозволат на Киев да ги користи новите западни оружја против воената опрема што Русите ја трупаат покрај границата.

    Повикот за преминување на таканаречените црвени линии за вклучување во конфликтот го одразува зголемениот притисок со кој украинските сили се соочуваат долж 1.000 километри долгиот фронт на југот, истокот и североистокот на земјата. Во изминатите недели, руските сили отворија нов фронт во регионот Харкив, што според Владимир Путин има за цел создавање тампон зона.

    „Ситуацијата на фронтот е една од најтешките со која сме се соочиле од почетокот на војната. Многу моќен бран на борби се одвива во Донбас. Никој не забележува дека повеќе борби има на истокот, особено во правецот на Курахове, Покровск и Часив Јар. Ситуацијата во Харкив сега е под контрола“, рече Зеленски.

    Тој наскоро ќе одбележи пет години од инаугурацијата како претседател и досега нема свикано избори поради воената состојба во државата. Зеленски бара западните партнери да бидат подиректно вклучени во војната, иако е свесен дека тие не сакаат да влезат во конфронтација со Русија.

    „Тоа е прашање на волја, но сите се плашат од ескалација. Сите се навикнаа на фактот дека Украинците умираат“, вели Зеленски.

    Тој предложи војските на соседните земји-членки на НАТО да пресретнуваат руски проектили над украинската територија.

    „Русите користат 300 авиони над Украина. Нам ни требаат најмалку 120-130 за да се браниме на небото. Ако не ни ги дадат, соседните земји би можеле со свои авиони да соборуваат руски проектили“, кажа Зеленски.

    Тој додаде дека засега нема позитивен одговор на барањето западното оружје да се користи за гаѓање руска воена опрема на границата и во внатрешноста на Русија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира