Володимир Зеленски го отфрли повикот на Владимир Путин за 36-часовно божиќно примирје во Украина, кое би требало да почне денеска на пладне. Според него, тоа е трик за да се запре напредувањето на украинските сили во источниот регион Донбас и да се доведат засилувања.
„Тие сега сакаат да го искористат Божиќ како маска за да го запрат напредувањето на нашите војници и да донесат уште опрема, муниција и мобилизирани трупи поблиску до нашите позиции. Војната може да заврши само со завршувањето на руската агресија“, изјави Зеленски во своето ноќно обраќање.
Прифаќајќи го предлогот на рускиот патријарх Кирил, Путин вчера му наложи на министерот за одбрана Сергеј Шојгу да воведе 36-часовно примирје долж целата линија на фронтот во Украина, што би траело до утре полноќ.
И САД гледаат на повикот на Путин со малку оптимизам.
„Рускиот предлог за примирје е циничен. Нашето мислење е дека на Русите им треба привремена пауза од борби за да се одморат, прегрупираат и повторно нападнат“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.