ЗЕЛЕНСКИ КАЖА ДЕКА НАПАДОТ ВРЗ КРИМСКИОТ МОСТ БИЛ ОПЕРАЦИЈА ВО СЕДУМ ФАЗИ, ДЕЛ ОД ПАТНАТА СЕКЦИЈА ПАДНАЛ ВО МОРЕТО

    ЗЕЛЕНСКИ КАЖА ДЕКА НАПАДОТ ВРЗ КРИМСКИОТ МОСТ БИЛ ОПЕРАЦИЈА ВО СЕДУМ ФАЗИ, ДЕЛ ОД ПАТНАТА СЕКЦИЈА ПАДНАЛ ВО МОРЕТООд Кремљ инсистираа дека мостот ќе биде обновен „подобро од претходно“ (Фото: Икс)

    Украинските сили употребиле комбинација од дронови и ракети за да ги нападнат патните и железничките делови од Кримскиот мост во текот на ноќта, по неколку недели координирани напади насочени кон демонтирање на руската воздушна одбрана што го штитеше преминот.

    Украинскиот претседател Володимир Зеленски откри детали за нападот, кој бил кулминација на операцијата во седум фази, развиена и координирана од Службата за безбедност на Украина и генералштабот на вооружените сили.

    Снимките објавени по нападот покажуваат дека еден од главните лакови на мостот и дел од коловозот се урнале во морето. Руското министерство за транспорт во прв момент потврди дека и патниот и железничкиот сообраќај се суспендирани по втор последователен ден напади, додавајќи дека штетата се проценува. Возовите во меѓувреме продолжиле да сообраќаат.

    Од Кремљ инсистираа дека мостот ќе биде обновен „подобро од претходно“.

    „Украинските сили неколку недели систематски ги напаѓаа руските воени системи што го штитеа преминот. Нашите војници постепено уништуваа системи за воздушна одбрана, радари, опрема за електронско војување и други назначени мети на патот кон конечната цел“, рече Зеленски.

    Тој додаде дека во операцијата биле вклучени 11 различни системи на оружје, вклучувајќи ги проектилите од украинско производство „фламинго“ и „нептун“.

    „Денеска, во клучната фаза, беспилотните летала ‘палијаница‘ се покажаа исклучително добро, погодувајќи го патниот дел од мостот, додека ракетите ‘нептун‘ и дроновите ‘рута‘ и ‘ФП-5‘ го погодија железничкиот дел“, рече Зеленски.

    Тој не прецизираше колку дронови и ракети биле лансирани и колку од нив ги погодиле своите цели.

    Украина го прогласи Кримскиот мост, изграден пред осум години по руската анексија на Крим, за нелегален и постојано се обидуваше да го уништи, користејќи камион-бомба во 2022 и поморски дронови. Мостот некогаш беше клучна рута за снабдување на руските сили во Украина, иако војската сега повеќе се потпира на копнен коридор низ територијата контролирана од Русија во јужна Украина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира