Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара да се формира специјален суд за воени злосторства извршени од Владимир Путин. Во видеообраќањето до делегатите на Советот на Европа, тој ја повика Европа да има клучна улога во формирањето и работењето на овој трибунал.
Откако Русија оваа недела жестоко ја ракетираше Украина, Зеленски уште еднаш нагласи дека им требаат противвоздушни системи.
„Украина располага со само 10% од она што ѝ е потребно за противвоздушна одбрана“, кажа Зеленски.
Истакнувајќи дека дипломатијата не е возможна со лидери кои не го почитуваат меѓународното право, тој побара целосна изолација на Русија и Путин.
„Денес не можеме да имаме дипломатија со Русија. Не можеме да почитуваме лидери кои убиваат. Исто така, Русија мора целосно финансиски да биде отсечена“, порача Зеленски и побара демилитаризација на окупираната нуклеарна централа Запорожје.
Г. МИХАЈЛОВСКИ