Володимир Зеленски потврди дека украински дронови го потопиле рускиот воен брод крај брегот на Либија вчера. Во нападот бил погоден и руски товарен брод што се користел за транспорт на оружје, додаде тој.
Владата што ја контролира источна Либија вчера соопшти дека имало експлозија на воен брод во пристаништето во Бенгази, додека се снабдувал со гориво и залихи пред неговото враќање во Русија. Москва сè уште не го коментирала нападот.
Зеленски утрово ја пофали „примерната украинска операција како одговор на војната на Русија“.
„Седум поморски дронови беа распоредени за да ја нападнат и потонат корветата ‘Меркур‘, еден од најновите бродови на Русија. Притоа е уништен и борбен хеликоптер ‘Ка-27‘“, рече Зеленски, кој го идентификуваше другиот погоден брод како „Ангара“.
Видеа објавени на социјалните мрежи и сателитски снимки го покажуваат бродот во пламен и чад. Американската разузнавачка фирма „Вантор“ собра слики со висока резолуција, за кои вели дека ја покажуваат корветата „Меркур“ закотвена во пристаништето во саботата, а следниот ден поголемиот дел од истиот брод е превртен и потонат.
Бенгази е оддалечен повеќе од 2.200 километри од Киев. Бродот бил во регионот како дел од договор со владата на источна Либија.



