Володимир Зеленски изјави дека се чувствува лично предаден од Доналд Трамп откако се дозна дека на украинската војска ѝ бил ограничен пристапот до сателитите „Старлинк“ на Илон Маск.
За време на посетата на Лондон, украинскиот претседател го обвини Трамп дека ја избрал другата страна по повеќе од четири години војна, ризикувајќи прекин на односите, што веќе беа затегнати поради тоа што САД се согласија да купуваат дизел од Русија. Маск посочи дека американската влада можеби стои зад ограничувањата на брзината со која може да патува дел од украинското оружје и да остане поврзано со интернет мрежата „Старлинк“ на „СпејсЕкс“.
„‘Старшилд‘, сестринската служба на ‘Старлинк‘, е контролирана од американската влада и за сите ограничувања на брзината или за употребата одлучува американската војска и на крајот, американскиот претседател“, рече Маск.
Запрашан дали ненадејното ограничување на „Старлинк“ било намерно и дали се чувствува предаден од Трамп, Зеленски одговори:
„Навистина, да, но е малку покомплицирано од само моите чувства. Штета што губиме силен партнер“.
Украинската војска вчера објави дека, без објаснување, сателитскиот комуникациски систем „Старлинк“ повеќе не работи со брзина поголема од 160 километри на час,
Тоа ги направи нефункционални повеќето беспилотни летала што ги користеше Украина за напади зад првите линии и влијаеше на најефикасниот систем за противвоздушна одбрана додека Русија го бомбардираше Киев. По тој напад, 600.000 луѓе останаа без струја.
„Сигурен сум дека знаеја што прават, апсолутно, бидејќи беше еден часот по полноќ. ‘Старлинк‘ беше блокиран од ‘СпејсЕкс‘ и САД. Оваа одлука ќе донесе многу човечки загуби“, кажа Зеленски.
Трамп негираше дека неговата администрација го намалила споделувањето разузнавачки информации со Украина, но Зеленски вчера рече дека воените советници добиле закани од САД дека споделувањето може да биде ограничено во иднина.
Трамп бара од Украина да престане да ги напаѓа руските рафинерии, обвинувајќи ја за високата цена на дизелот.



