Земјотресот во централна Италија ја смени физиономијата на теренот толку што нивото на почвата во Акумоли е намалено за 20 сантиметри, објави тамошниот институт за земјотресно инженерство и вулканологија. До сега се преброени 281 мртви, но се стравува дека под урнатините има уште жртви, така што бројката на загинати може да се искачи на речиси 300. Од средата вечер не е пронајден ниту еден преживеан, но властите велат дека ќе ја продолжат потрагата се додека не се дознае и судбината последниот исчезнат.
Спасувачката мисија е отежната од повеќе последователни земјотреси, од кои едниот сериозно го оштетил и мостот кон Аматриче.
Најголем број жртви има во Аматриче – 221, гратчето за кое што градоначалникот уште во првите моменти по земјотресот изјави дека „веќе не постои“.
Денеска е прогласен Ден на жалост во Италија. Претседателот на Републиката Серџо Матарела и премиерот Матео Ренци ќе присуствуваат на погребите на жртвите. Покрај религиозната церемонија што ќе се одржи денеска во црква, за среда 31 август закажан е и нерелигиозен меморијал за 18 жртви од Аматриче.
Во областа е прогласена вонредна состојба. Владата одобри 50 милиони евра помош за помош и повторна изградба на разурнатите гратчиња.
Земјотресот се случи непосредно пред да се одржи Фестивалот на шпагетите „Ал Аматричана“ што беше закажан за на 27 и 28 август. 50. издание на фестивалот требаше да привлече многу туристи во гратчето познато како „родното место на пастата Аматричана.