Фотографиите од Киев покажуваат долги редици на автомобили додека жителите бегаат од градот, кој утрово беше цел на руски ракетирања. Густиот сообраќај е во правецот на запад, додека експлозиите се слушаа во источниот дел на градот, кон аеродромот „Бориспил“.
Русија утрово почна воена операција во Украина, која се напаѓа од северот, истокот и југот. Снимките што ги објави украинската гранична служба покажаа влегување на руски воени конвои од Белорусија и од полуостровот Крим. Руските трупи веќе влегле во северните и источните региони на Украина.
Украинските власти објавија дека досега загинале најмалку осум луѓе во руските напади.