Повеќекратниот олимписки и светски шампион во џудо Теди Ринер ја објави својата кандидатура за претседателските избори во Франција закажани за април следната година. Триесет и седумгодишниот спортист роден во Гвадалупе нема искуство во јавната администрација, ниту политичка партија зад себе, а сè уште нема објавено ниту изборна програма.
Неговата досегашна кампања се сведува на слоганот „Франција што ја сакаме“, обраќање на социјалните мрежи и посета на болница во северното париско предградие Сен-Сен-Дени. Сепак, Ринер важи за една од најпопуларните личности во современа Франција, со освоени пет олимписки златни медали, 11 светски титули и успешна деловна кариера.
Неговото обраќање на Инстаграм и Икс, снимено пред полици со книги и француско знаме, го погледнале повеќе од 28 милиони луѓе. Според анкетата на Ифоп спроведена во рок од 24 часа по објавата, 22 отсто од испитаниците изјавиле дека би можеле да гласаат за него. Во своето обраќање, Ринер се претстави како кандидат кој не доаѓа од политичкиот естаблишмент, со цел да ја обедини земјата и да ја подобри финансиската состојба на граѓаните, спротивставувајќи се на расизмот и уличниот криминал. Тој оцени дека не е лудост да се сака да се спречи тонењето на Франција во долгови и да им се помогне на родителите кои се соочуваат со скапотија и страв за безбедноста на нивните деца.
Француската политичка сцена, освен крајната левица и крајната десница, се наоѓа во состојба на поделеност. Политичкиот центар нема јасен лидер кој може да им парира на лидерката на крајната десница Марин Ле Пен и на лидерот на крајната левица Жан-Лук Меланшон, кои засега важат за главни фаворити за влез во вториот круг во мај.
Политичките аналитичари оценуваат дека Ринер се позиционира во центарот и против екстремите, со десничарски ставови за економијата и редот и поредокот, но и со цврст став против расизмот, насочен пред сè против Марин Ле Пен. Во тој политички простор меѓу десниот и левиот центар веќе има десетина кандидати, меѓу кои поранешните премиери Едуар Филип и Габриел Атал, Рафаел Глуксман поддржан од социјалистите, Бруно Ретајо од републиканците, како и можното вклучување на Кристин Лагард, која во февруари заминува од функцијата претседателка на Европската централна банка.
Влегувањето на уште еден кандидат во центарот дополнително ќе ги расцепка гласовите, што ги зголемува шансите на Меланшон за влез во вториот круг. Лидерот на партијата Непокорена Франција позитивно ја оцени одлуката на Ринер, наведувајќи дека определбата ниту лево ниту десно всушност значи против левицата.
Задоволство од кандидатурата изрази и актуелниот претседател Емануел Макрон, кој го нарече Ринер голем шампион и додаде дека политиката не им припаѓа само на професионалците. Ваквиот став се поврзува со заладените односи на Макрон со неговите поранешни премиери Филип и Атал, кои се дистанцираат од него. Ринер, од своја страна, пофалбите од Макрон ги оцени како отровен пехар и пред новинарите изјави дека не е пратеник на претседателот, ниту макронист.
Пред спортистот допрва претстои предизвикот да го формира својот тим и да ги претстави конкретните ставови за клучните прашања во земјата, како пензиските реформи, вложувањата во образованието, трошоците за живот, јавниот долг, подемот на популизмот и војната на Русија во Украина.



