ПАТНИЧКИОТ ЖЕЛЕЗНИЧКИ СООБРАЌАЈ СЕ ОДВИВА СО ПОТЕШКОТИИ, ВОЗОВИТЕ ЗА КОЧАНИ И КИЧЕВО НЕ СООБРАЌААТ, ВО ДВА НАВРАТИ СЕ ЗАПАЛИ ЕЛЕКТРИЧНА ЛОКОМОТИВА ЗА ГЕВГЕЛИЈА

    ПАТНИЧКИОТ ЖЕЛЕЗНИЧКИ СООБРАЌАЈ СЕ ОДВИВА СО ПОТЕШКОТИИ, ВОЗОВИТЕ ЗА КОЧАНИ И КИЧЕВО НЕ СООБРАЌААТ, ВО ДВА НАВРАТИ СЕ ЗАПАЛИ ЕЛЕКТРИЧНА ЛОКОМОТИВА ЗА ГЕВГЕЛИЈАМинатата сабота, само што стигнал патничкиот воз од Гевгелија на Железничка станица во Скопје, се запалила електричната локомотива. (Фото: СДК.МК)

    Дел од патничкиот железнички сообраќај во земјава се одвива со потешкотии. Не сообраќаат патничките возови на релацијата Скопје – Кочани -Скопје и Скопје – Кичево -Скопје. Првиот месец и повеќе, вториот три седмици. Во текот на месец мај во два наврати се запали електрична локомотива која превезуваше патници на линијата Скопје – Гевгелија и а на 4-ти јуни се расипа локомотива сред Велес и дојде до застој на сообраќајот во градот, при што велешани со часови не можеа а минат од левата на десната страна на градот и обратно. Овие случувања ја илустрираат состојбата во која се наоѓа возниот парк на Македонски железници – АД Транспорт. Причина е стариот и дотраен возен парк и со локомотива и со патнички композиции.

    „Поради високите температури и густата вегетација по должината на пругата и фактот што при кочење на нашите превозни средства се јавува триење помеѓу две метални површини, се појавува искра, доаѓа до самозапалување на вегетацијата и на гумените елементи кои се наоѓаат на возните средства. Факт е дека возните средства се релативно стари, но постои редовно одржување на истите и тие по извршената секојдневна контрола се пуштаат во сообраќај“, објаснија како дојде до самозапалување на електрични локомотиви.

    МВР за едниот од тие настани, кој се случи во сабота на 15-ти мај информираше електричната локомотива се запалила на Железничка станица Скопје. Второто самозапалување беше на 21-ви мај, околу 09.25 часот кога во Полициска станица Гевгелија било пријавено дека на Железничка станица „Смоквица“ се запалила локомотивата на патничкиот воз кој сообраќа на релација Скопје – Гевгелија. Настанот од 4-ти јуни кога се расипа електрична локомотива среде Велес по што се чекаше со часови друга локомотива, која го повлече товарниот воз, и дојде до застој на сообраќајот и животот во градот, па мораше да интервенира и полицијата, од МЖ Транспорт велат дека причината било кражба на железнички делови.

    „За случајот во Велес, поради чести кражби во пратечката инсталацијата по должината на пругите во земјава, нема правилна информација за контрола на патните премини. Поради тоа според важечките железнички прописи, возот треба да застане и да се изврши обезбедување на патниот премин за да се продолжи со понатамошно возење на возот“, пишува во одговорот на МЖ АД Транспорт.

    Патничките возови за Кочани и Кичево не возеле оти биле дефект.

    „Возните средства кои го извршуваат превозот на патници на дадените релации се во дефекти од поголем обем за кој е потребно подолго време за поправка на истите. Поседуваме возни средства со просечна старост на истите преку 45 години и поради тоа кај нив се јавуваат чести дефекти. Се надеваме дека превозот кон дадените релации ќе започне нормално да се извршува на почетокот на следниот месец“, соопштија од МЖ Транспорт.

    Во 2015 година за потребите на МЖ Транспорт Владата набави шест патнички гарнитури, кинеско производство. Тие беа платени 25 милиони евра, преку кредит од ЕБОР.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира