Од денес до 29 ноември има бесплатно тестирање со брзи ХИВ тестови во Младинскиот центар на ХЕРА, велат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување. Бесплатното и доверливо тестирање и советување за ХИВ е достапно во Центарот на ХЕРА „Сакам да знам” на Водно секој работен ден од 16 до 20 часот и за време на викендот од 11 до 15 часот. За подетални информации и за закажување, граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950.
Со овој настан, осма година по ред се одбележува Европската недела на тестирање за ХИВ.
„Да се знае својот ХИВ-статус што порано е важно, затоа што денес благодарение на терапијата за ХИВ, која е достапна и бесплатна кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман. Од друга страна, редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот, бидејќи терапијата го потиснува вирусот до т.н. недетектабилно ниво, при што е невозможно ХИВ да се пренесе на друго лице по сексуален пат“, велат од ХЕРА.
Тие потсетуваат дека е достапна и мобилната андроид апликација Направи ХИВ тест, преку која може да добијат информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ, како и да ги дознаат сите локации низ земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Гугл плеј.
Европската недела на тестирање за ХИВ е меѓународна иницијатива кон која се приклучуваат повеќе од 600 организации низ Европа за да ја подигнат свесноста за важноста на навременото тестирање за ХИВ и на пристапот до терапија за ХИВ.