Дваесет деца позитивни на ковид-19 лежат на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле, од кои пет се на кислородна поддршка, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК. директорот д-р Бесник Зеќири. Од петте деца, три се на школска возраст, две се од претшколска.
Директорот Зеќири потенцира дека ситуацијата не е драматична, ниту е исполнет капацитетот на болницата од 40 места со почетокот на учебната година.
„Во август, на почетокот на четвртиот бран имавме 20 деца во болницата исто како и сега. Разликата е што тогаш 50 отсто беа од 0-2 години и 50 отсто беа од 9-15 години. Сега, 75 отсто од хоспитализираните се од 9-15 години“, ни рече Зеќири.
Директорот вели дека децата се хоспитализирани најмногу поради висока температура и отежнато дишење, а освен тоа вели, делта сојот кој се покажа дека предизвикува потешка клиничка слика, предизвикува гастроентерохепатолошки проблеми и децата се дехидрирaни и им е потребна хоспитализација.
„Ние разбираме дека родителите се грижат за децата, но не секое течење на нос и благо покачена температура се причина да се носат децата во болница. Институтот во Козле е единствен Ковид-центар за деца за цела држава и не треба да се избрзува со доаѓање кај нас, оти се ризикува здравите деца да се разболат од позитивните. Прво треба да се посетат матичните лекари, поликлиниките и Детската клиника“, вели д-р Зеќири.
Од 6 до 12 септември тестирани се вкупно 34.175 материјали, со намалување од 11,4% во однос на минатата недела. Регистрирани се 3.471 нов позитивен случај од 34 градови во државата, за 24,9% помалку од минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (1.019, 29,4%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (95; 2,7%). Во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај скоро сите возрасни групи, со најголемо намалување кај возрасната група од 20-29 години (за 40,1% помалку во однос на претходната недела), а кај возрасната група од 0-9 години се забележува зголемување од 11,8% во однос на минатата недела.
Вкупно ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата се 185.450, оздравени се 166.099, починаа 6.367, а активни случаи се 12.984.
Од почетокот на коронакризата, според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), на возраст од 0-9 заболеа 3.539 деца, а од 10-19 години се регистрирани 9.753 случаи.
Б. НЕСТОРОСКА