ДА НЕ СЕ БРЗА ЗА СЕКОЕ ТЕЧЕЊЕ НОС ДА СЕ НОСАТ ДЕЦАТА В БОЛНИЦА, ОТИ СЕ МЕШААТ ЗДРАВИ И КОВИД ПОЗИТИВНИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ИНСТИТУТОТ ВО КОЗЛЕ

    ДА НЕ СЕ БРЗА ЗА СЕКОЕ ТЕЧЕЊЕ НОС ДА СЕ НОСАТ ДЕЦАТА В БОЛНИЦА, ОТИ СЕ МЕШААТ ЗДРАВИ И КОВИД ПОЗИТИВНИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ИНСТИТУТОТ ВО КОЗЛЕДиректорот вели дека децата се хоспитализирани најмногу поради висока температура, отежнато дишење и дехидрација. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Дваесет деца позитивни на ковид-19 лежат на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле, од кои пет се на кислородна поддршка, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК. директорот д-р Бесник Зеќири. Од петте деца, три се на школска возраст, две се од претшколска.

    Директорот Зеќири потенцира дека ситуацијата не е драматична, ниту е исполнет капацитетот на болницата од 40 места со почетокот на учебната година.

    „Во август, на почетокот на четвртиот бран имавме 20 деца во болницата исто како и сега. Разликата е што тогаш 50 отсто беа од 0-2 години и 50 отсто беа од 9-15 години. Сега, 75 отсто од хоспитализираните се од 9-15 години“, ни рече Зеќири.

    Директорот вели дека децата се хоспитализирани најмногу поради висока температура и отежнато дишење, а освен тоа вели, делта сојот кој се покажа дека предизвикува потешка клиничка слика, предизвикува гастроентерохепатолошки проблеми и децата се дехидрирaни и им е потребна хоспитализација.

    „Ние разбираме дека родителите се грижат за децата, но не секое течење на нос и благо покачена температура се причина да се носат децата во болница. Институтот во Козле е единствен Ковид-центар за деца за цела држава и не треба да се избрзува со доаѓање кај нас, оти се ризикува здравите деца да се разболат од позитивните. Прво треба да се посетат матичните лекари, поликлиниките и Детската клиника“, вели д-р Зеќири.

    Од 6 до 12 септември тестирани се вкупно 34.175 материјали, со намалување од 11,4% во однос на минатата недела. Регистрирани се 3.471 нов позитивен случај од 34 градови во државата, за 24,9% помалку од минатата недела.

    Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (1.019, 29,4%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (95; 2,7%). Во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај скоро сите возрасни групи, со најголемо намалување кај возрасната група од 20-29 години (за 40,1% помалку во однос на претходната недела), а кај возрасната група од 0-9 години се забележува зголемување од 11,8% во однос на минатата недела.

    Вкупно ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата се 185.450, оздравени се 166.099, починаа 6.367, а активни случаи се 12.984.

    Од почетокот на коронакризата, според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), на возраст од 0-9 заболеа 3.539 деца, а од 10-19 години се регистрирани 9.753 случаи.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира