ДВОМЕСЕЧНИ БЛИЗНАЦИ БОЛНИ ОД КОВИД СЕ НА КИСЛОРОДНА ПОДДРШКА ВО КОЗЛЕ, ДИРЕКТОРОТ ВЕЛИ БИЛЕ ЛЕКУВАНИ ДОМА

    ДВОМЕСЕЧНИ БЛИЗНАЦИ БОЛНИ ОД КОВИД СЕ НА КИСЛОРОДНА ПОДДРШКА ВО КОЗЛЕ, ДИРЕКТОРОТ ВЕЛИ БИЛЕ ЛЕКУВАНИ ДОМАДосега во земјава заболеа 4.476 деца во групата од 0-9 години, и 13.063 во групата од 10 до 19 години. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Дваесет и две деца на возраст од 2 месеца до 16 години позитивни на ковид лежат на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле во Скопје, кој е единствен Ковид-центар за деца во земјава и има капацитет од 40 места, вели директорот д-р Бесник Зеќири. Осумдесет отсто од децата кои лежат се на школска возраст, од 9-16 години. Најмлади пациенти на кислородна поддршка се близначиња од 2 месеца, кои биле лекувани во домашни услови со несоодветна терапија.

    Д-р Зеќири вели дека бројката на пациенти кои се на кислородна поддршка е мала и постојано се менува, оти станува збор за пациенти кои примаат ваква терапија веднаш по хоспитализирањето, и за ден-два ситуацијата им се подобрува.

    „Севкупно, на кислородна поддршка поставуваме деца со ниска сатурација и потешкотии во дишењето оти не примале соодветна терапија или биле дома лекувани. Немаме зголемување на бројот нови приеми, како и летото, и периодов имаме од 20-25 деца кои лежат во болницата, но и 50-60 амбулантски приеми. Тоа се деца со настинка, растечен нос. Ние упорно апелираме дека не секое течење нос е причина да се носи детето кај нас, оти се зголемува ризикот да се мешаат настинати и ковид позитивни деца. Исто така, не мора да значи дека ако родителите се ковид позитивни, веднаш треба да го носат децата кај нас“, потенцира д-р Зеќири, додавајќи оти нема промена во клиничката слика кај децата во споредба со летоска.

    Според последниот извештај од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 15 до 21ноември,
    регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (682, 23,3%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (104; 3,6%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, освен кај возрасната група од 0-9 години (+2,0%). Најзабележително е намалувањето кај возрасната група на лица над 60 години (-13,7%).

    Од почетокот на коронакризата досега, во земјава  заболеа 4.580 деца во групата од 0-9 години, и 13.447 во групата од 10 до 19 години.

    Во земјава, во моментов има вкупно 8.290 активни болни од коронавирус.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира