Од јануари-февруари 2022 година и матичните лекари ќе може да закажуваат прегледи кои досега можеа да ги закажат само специјалисти, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. На пример, матичните лекари досега, не можеа да ги праќаат пациентите кои за првпат одат директно на испитувања на Институтот за патофиза, на Клиниката за кардиологија или за испитувања за хормони на тироидна жлезда.
На новинарско прашање за тоа дека пациентите се жалат оти со месеци не можат да закажуваат мамографии, ехо-прегледи, Филипче рече дека поплаките стигнале до него, но дека тоа не е само сега случај, туку за време на целата коронакриза.
Еден еден дел се должи, вели тој, на тоа што рентген институтите и местата каде се вршат рентегн испитувања во болниците се наменети само за ковид пациенти и тоа ја отежнува ситуацијата и ги намалува капацитетите во однос на број на прегледи.
„Разговаравме неколку пати со директорот на Радиологија каде е најголемиот притисок, како и со дел од Управниот одбор на Лекарската комора каде членуваат матични лекари. Начелно, договоривме измена на моделот на овие прегледи што верувам дека е трајно решение, не само да се надмине во ковид кризата. Ова дополнително ќе се олесни со опремата која треба да стигне како донација од Европската Унија. Секој месец, до декември, треба да пристигнуваат по два-три апарти и така, магнетна резонанца и компјутерска томогографија треба да има секаде низ државата. Значи, следната година, целосно ќе се смени сликата“, рече министерот.
Б. НЕСТОРОСКА