За 38% се намалила бројката на пациенти со лимфом дијагностицирани на скопската Клиника за хематологија во однос на истиот период во 2019 пред пандемијата. Хематолозите на оваа состојба гледаат со огромна загриженост, бидејќи во светски рамки бројката на дијагностицирани со лимфом расте.
Според податоците од Клиниката, ако во 2019 на државно ниво биле дијагностицирани 150 лимфоми, во 2020 до август – 74, оваа година за истиот период има само 52 случаи, што е невообичаено. Од почеток на пандемијата па до денес во континуитет има пад на бројот на дијагностицирани лимфоми, што укажува дека нема навремени прегледи и дијагостика.
„Луѓето повеќе ќе умираат од недијагностициран рак отколку од ковид инфекција и затоа при првите симптоми треба веднаш да се оди на преглед“, апелира д-р Ирина Пановска-Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија.
Таа вели дека не треба да дозволиме да ни се случи пандемија од малигни лимфоми после ковид-19 пандемијата.
Од Клиниката апелираат на свесност и одговорност кај граѓаните, и дека зголемени лимфни јазли, малаксаност, не се симптоми на ковид-19. Симптоми на лимфомот се: намалена енергија, треска, отечени жлезди, чешање на кожата и намалување на телесната тежина без причина. Најчесто во форма на топче без болка и боја се појавува на вратот или под пазувите.
„Пациентите со малигни лимфоми се една исклучително вулнерабилна категорија на луѓе, кај кои навремените прегледи кај матичен лекар со палпација на лимфен јазол, консултации во секундарното здравство, биопсија на лимфен јазол како и апликација на биолошка и хемотерапија апсолутно не смеат да доцнат воопшто, бидејќи може да настане прогресија на заболувањето и потоа да нема назад. Болните со малигни лимфоми имаат многу поголеми шанси за бурна клиничка слика доколку се разболат од коронавирус, бидејќи тие и онака се со намален имунитет“, појаснува д-р Пановска-Ставрдис.
Лани во првиот бран на ковид-19, како и изминатава зима, во земјава беа затворени повеќе клиники, а болницата „8 Септември“ во Скопје и клиничките и општите болници низ државата работеа само со пациенти на кои им требаа итни и неодложни операции. Граѓаните не добиваа термини за редовни и превентивни прегледи во јавното здравство и реагираа дека мора да плаќаат приватно, но здравствените власти уверуваа дека ниту еден пациент не е вратен и сите ја добиле неопходната грижа. Клиниката за хематологија без ограничувања, но таа е последна карика во синџирот на здравствениот систем кога станува збор за крвни заболувања.
„За жал, пандемијата на ковид-19 имаше големо влијание врз пациентите со малигна болест. Раното дијагностицирање и адекватниот третман на малигните болести се од витално значење. Ако пациентите се третираат навреме, многу од нив може да се излекуваат и да имаат долг, квалитетен и среќен живот“, вели д-р Пановска-Ставридис.
Мора навремено да се реагира затоа што луѓето со рак и комбинација со ковид може фатално да завршат, додека современата медицина и нашата Клиника за хематологија им нуди можност за излекување“, вели таа за САКАМДАКАЖАМ.МК, додавајќи оти во време на ковид пандемија Клиниката отворила и електронска амбуланта, каде матичните доктори може да пријават болен со лимфом.
„Затоа и ги охрабрувам луѓето да се вакцинираат. Не само да се заштитат себеси и блиските. Туку затоа што колку побрзо направиме колективен имунитет, толку побрзо ќе го вратиме и здравствениот систем во нормала“, вели д-р Пановска-Ставридис.
Во 2020, лимфом било причина за повеќе од 259.793 смртни случаи годишно во светот. Приближно 1 од 50 лица има ризик да заболи од оваа болест во тек на својот животен век.
Според статистиката на американските болници, во тек на пикот на пандемијата кога не работеа болниците за дијагностика за болните од рак, за цели 40 проценти паднала бројката на болни од лимфом за да во наредниот период, се случи голем раст на болни од овој тип на рак.
Б. НЕСТОРОСКА