Тажно е што за 40 проценти е намалено раното дијагностицирање на рак на дојка поради ковид пандемијата, рече американската амбасадорка Кејт Мари Брнз на денешната 13. трка „Напред розово“ во Скопје.
„Последнава година и пол нѐ научи на важноста на здравјето, но истовремено имаше огромно влијание врз примарната заштита и врз барањата на граѓаните за рана дијагноза. Многу од нас, или лично или преку член на семејството сме допрени од оваа болест, рак на дојката“, рече амбасадорката.
Затоа, како што вели Биба Додева од Здружението за борба против ракот „Борка- за секој нов ден“, треба да продолжи континуираниот скрининг за рак на дојка, т. е. проблемот кој се појави во коронакризата да биде надминат и пациентите да имаат непречени дијагностички прегледи.
Во земјава годишно се регистрираат по 700 до 800 случаи на рак на дојка и 250 смртни случаи, рече денеска д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Од 2015 година во земјава е воведен организиран скрининг, а сите жени од 50 до 69 годишна возраст можат да се јават на бесплатен превентивен преглед.
„Досегашните резултати покажуваат дека 84.2 проценти од жените кои биле скенирани преку скрининг програмата, а сепак се заболеле, се жени кои претходно направиле мамографски преглед. Со вториот мамографски преглед веќе е откриена болеста и за нив се преземени мерки за лекување“, рече Ќосевска.