ТАКСИСТИТЕ НАЈАВУВААТ ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК НЕЗАДОВОЛНИ ОД ПОСКАПЕНОТО ОСИГУРУВАЊЕ НА КОЛИТЕ И ИСПИТОТ ПО АНГЛИСКИ ЈАЗИК

    ТАКСИСТИТЕ НАЈАВУВААТ ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК НЕЗАДОВОЛНИ ОД ПОСКАПЕНОТО ОСИГУРУВАЊЕ НА КОЛИТЕ И ИСПИТОТ ПО АНГЛИСКИ ЈАЗИКТаксистите вчера протестираа на Илинденска и ги доставија барањата до министерствата за финансии и за транспорт. - Такси станица во Карпош (Фото: СДК.МК)

    Таксистите барааат итно повлекување на малусот – поскапувањето на осигурувањето на возилата кое се плаќа при регистрација, а не се задоволни и со задолжителниот сертификат за такси возачи, испитот по англиски јазик и воведувањето на фискални каси.

    Tие вчера протестираа на Илинденска и ги доставија барањата до министерствата за финансии и за транспорт, предупредувајќи дека доколку не им бидат исполнети барањата во рок од седум дена, ќе стапат во генерален штрајк.

    „Ако во рок од седум дена не се суспендира одлуката за воведување малус за сите возила на компанијата, ќе стапиме во генерален штрајк до исполнување на нашите барања“, најавија таксистите кои се членови на Асоцијацијата на легални таксисти.

    Малусот, кој е воведен со правилник кој почна да се применува годинава, значи поскапо осигурување за сите коли во случај ако една од колите на компанијата направи сообраќајка.
    Групацијата на таксисти во Скопје, пак, денес не излезе на штрајк, но го поддржува барањето за укинување на малусот.

    „Ние сметаме дека сега не е погоден момент за штрајк од едноставна причина што нема кому да се обратиме. Кој да ни ги исполни барањата кога во моментов се менува власта. Во потполност го поддржуваме барањето за укинување на малусот. Подготвени сме и ние како Групација да излеземе на штрајк, но оној момент кога ќе има кој да одговори на нашите барања“, вели Сашо Рајчановски , претседател на Групацијата таксисти на Скопје.

    Групацијата е против укинување на сертификатот и испитот по англиски јазик оти сметаат дека секој таксист треба да има основни познавања за Скопје, што е дел од сертификатот и основни познавања од англиски јазик, што е предмет на испитот кој до лани беше бесплатен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира