ФИЛХАРМОНИЈА ОТВОРИ СО АШКЕНАЗИ И ТРПЧЕСКИ

    ФИЛХАРМОНИЈА ОТВОРИ СО АШКЕНАЗИ И ТРПЧЕСКИСо првиот свечен концерт во новата концертна сала диригираше славниот маестро Владимир Ашкенази од Русија, а како солист настапи македонскиот пијанист со светска кариера Симон Трпчески (Фото: СДК.МК)

    Концертната сала на Македонската филхармонија, прв нејзин објект во 73-годишното постоење, се отвори вечерва со првиот свечен концерт под диригентство на славниот маестро Владимир Ашкенази од Русија, на кој како солист настапи македонскиот пијанист со светска кариера Симон Трпчески. На концертот се изведени суита бр. 2 од балетот „Лабин и Дојрана“ од Трајко Прокопиев, концерт за клавир и оркестар бр. 3 во це-дур, оп. 26 од Сергеј Прокофјев и симфонија бр. 5 во е-мол оп. 64 од Петар Илич Чајковски.

    Првиот концерт во новата Филхармонија, за кој билетите чинеа од 2.500 и 3.000 денари, започна со 30-минутно задоцнување оти се чекаше да дојде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. На отварањето говореше пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и техничка министерка за култура Елизабета Канческа Милевска.

    Новата концертна сала со неколку паузи се градеше осум години, од март, 2009, на површина од 12.400 квадратни метри на просторот помеѓу Македонската опера и балет (МОБ) и Факултетот за музичка уметност (ФМУ).

    Според датабазата на Призма за објектите на „Скопје 2014“, Филхармонија чини 39.9 милиони евра, а Груевски, кој вчера ја посети зградата и доби плакета од директорката Маја Чаначевиќ, рече дека чини 37 милиони евра. На поставувањето на камен-темелникот во 2009, беше најавено дека Владата во проектот вложила  6 милиони евра.

    Новиот објект е изграден според идејното решение на архитектот Виктор Михајлов,  и има две сали, голема со 1.000 седишта, и мала со 310 седишта, од кои 168 се фиксни, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта. На акустиката работеше Јорг Кумел, еден од најпознатите акустичари во светот

    Следниот концерт е на 1 јуни, а гостува британскиот диригент Тимоти Редмонд.

    ВМРО-ДПМНЕ И ГРУЕВСКИ ГО КИДНАПИРАА ИСТОРИСКОТО ОТВОРАЊЕ НА НОВАТА ФИЛХАРМОНИЈА ЗА ПАРТИСКА ЖУРКА

    ФИЛХАРМОНИЈАТА СЕ ПУШТА БЕЗ ТЕХНИЧКИ ПРИЕМ, НЕ Е ЗАВЕДЕНА ВО КАТАСТАР

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира