СЈО ПОТВРДИ ДЕКА ВО ТЕЛЕКОМ ИМАЛЕ „СРЕДБА НА ПОВИСОКО НИВО“

    СЈО ПОТВРДИ ДЕКА ВО ТЕЛЕКОМ ИМАЛЕ „СРЕДБА НА ПОВИСОКО НИВО“Тимот на СЈО предводен од обвинителката Ленче Ристоска на пладне влезе во управната зграда на Телеком во Скопје, откако и по четири обиди не доби судски налог за претрес во рамки на две истраги поврзани со масовното прислушување од 2008 до 2015 (Фото: Ѓ. Личовски)

    Тим на Специјалното јавно обвинителство денеска имаше работна средба на повисоко ниво со претставници на „Македонски телеком“, со цел да се изнајде решение за предметите од интерес на ова Јавно обвинителство, соопшти попладнево СЈО.

    „Во просториите на „Македонски Телеком“ денес е одржана работна средба на повисоко ниво со преставници на оваа компанија, со цел да се изнајде решение за предметите од интерес на ова Јавно обвинителство. Очекуваме воспоставената соработка да продолжи и во претстојниот период“, соопштија од СЈО, откако специјалната обвинителка Ленче Ристоска со нејзиниот тим околу пладне влезе во управната зграда на „Телеком“.

    Средбата доаѓа откако СЈО и по четири обиди не доби судски налог за претрес во рамки на две истраги поврзано со масовното прислушување од 2008 до 2015 година. Минатата недела беше најавено дека СЈО ќе има средба со членовите на Одборот на директори на македонскииот Телеком од Германија и Унгарија. СЈО тогаш потврди дека откако се соочи со опструкции од претставниците на македонскиот државен капитал во компанијата и од судот кој измислува разни причини за да не даде налог за претрес сега бара согласност за пристап до податоците на операторот, во рамки на отворените истраги за масовно прислушување на граѓаните преку најголемиот телефонски и мобилен оператор во Македонија.

    Македонската компанија на Телеком, во кој Дојче Телеком има мнозинска сопственост преку унгарската компанија досега одбиваше да соработува и да ги достави до СЈО податоците кои писмено Катица Јанева ги има побарано веднаш по отварањето на истрагата за прислушувањето.

    Ова обвинителство се обидува да влезе во Телеком од 18. ноември лани, кога ја отвори истрагата „Таргет“ за масовно прислушување во Македонија, но Основниот суд Скопје 1 четири пати одбива да му даде судски налог за влез во компанијата.

    Според досега објавените информации, СЈО во моментов има докази за околу 5.000 нелегално прислушувани телефони, што ги обезбеди на 19 октомври лани, кога со судски налог влезе во УБК за да изврши претрес и контрола на системите за следење на комуникации. Но, оваа бројка не кореспондира со дваесетина илјади прислушувани броеви што лидерот на опозицијата Зоран Заев ги предаде во СЈО , велат во обвинителството.

    Доказите со кои во овој момент располага СЈО упатуваат на основано сомнение дека преку системите за следење на комуникации во периодот 2008-2015 година незаконски била следена комуникацијата на најмалку 4286 телефонски броеви, за кои воопшто не биле издадени судски наредби за нивно следење, а уште 1541 телефони биле следени откако била завршена судската наредбата за прислушување. Притоа, незаконски биле следени и сите лица кои комуницирале со телефонските броеви кои биле таргет на незаконско прислушување во тој период. Се претпоставува дека се околу дваесетина илјади кои зборувале со прислушуваните, но точната бројка не се знае и токму затоа СЈО сака да влезе во Телеком.

    „Граѓаните биле масовно прислушувани без судски налог, доказите ги има во Телеком и ова обвинителство не се откажува од претрес во компанијата и наоѓањето на останатите докази потребни за истрагите „Таргет“ и „Тврдина“, велат во СЈО.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира