СЈО ПОВТОРНО ПОБАРА ЗАМРЗНУВАЊЕ НА СЕДИШТЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ

    СЈО ПОВТОРНО ПОБАРА ЗАМРЗНУВАЊЕ НА СЕДИШТЕТО НА ВМРО-ДПМНЕСпецијалните обвинителки Ленче Ристоска, Катица Јанева и Фатиме Фетаи на прес-конференцијата на 22 мај, кога беше презентиран случајот „Талир“. (Фото: СДК.МК)

    Специјалното јавно обвинителство повторно поднесе барање до Основниот суд Скопје 1 за замрзнување на дел од недвижен имот кој потекнува од извршено кривично дело во врска со случајот „Талир“, соопшти попладнево СЈО. Станува збор за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, при што од СЈО велат дека овојпат се земени предвид укажувањата на Судот искажани во одлуките со кои беа одбиени првичните барања за обезбедување на имот.

    „Во врска со предметот „Талир“ поднесено е ново барање до Судот за определување на привремена мерка – забрана за отуѓување и оптоварување на дел од недвижен имот кој потекнува од извршено кривично дело, при што во предвид се земени укажувањата на Судот искажани во одлуките со кои беа одбиени првичните барања за обезбедување на имот“, велат од СЈО.

    Првоосомничен во случајот „Талир“ е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи на прес-конференцијата на 22 мај кажа дека станува збор за перење пари преку незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со сомнеж за злоупотребени 4,9 милиони евра. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека постои основано сомнение дека првоосомничениот, претседателот на партијата, во периодот од 2009 до 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби и дека тоа го направил од лични мотиви со злоупотреба на службена должност и овластувања. Претходно на прес-конференцијата, специјалната обвинителка Катица Јанева рече дека предмет на истрагата за перење пари не е политичката партија, туку запознавање на јавноста како поединци од раководството ја злоупотребиле партијата водени од лични мотиви.

    Основниот суд Скопје 1 на 23 мај го одби првичното барање на Специјалното јавно обвинителство за замрзнување на имот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со случајот „Талир“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира