СУДИИТЕ НАВРЕДЕНИ ОТИ И СО ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА ПЛАТИТЕ СЕ ПОМАЛКУ ПЛАТЕНИ ОД ОБВИНИТЕЛИТЕ

    СУДИИТЕ НАВРЕДЕНИ ОТИ И СО ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА ПЛАТИТЕ СЕ ПОМАЛКУ ПЛАТЕНИ ОД ОБВИНИТЕЛИТЕСудскиот совет денеска одржа итна седница и донесе одлука за зголемување од 10 отсто, како на платите на судиите, така и на судската администрација. (Фото: СДК.МК)

    Судиите ќе добијат повисока плата, но само за 10 отсто и само за март, а и покрај ова, обвинителите имаат поголема плата од нив за околу 6-7.000 денари.

    „Ова е единствена држава, единствен правосуден систем каде странка во постапката има повисока плата од судија. Друг ваков пример нема да сретнете никаде. Обвинителите, како и адвокатите, се странки во постапките“, изјавуваат судиите за САКАМДАКАЖАМ.МК  .

    Обвинителите добија 20 отсто повисока февруарска плата и во просек на судиите им избегаа во висина на платите со околу 11.400 денари. Тие се изреволтираа, поради што Судскиот совет денеска одржа итна седница и донесе одлука за зголемување од само 10 отсто, како на платите на судиите, така и на судската администрација. Но, и покрај ова остана разликата во плати меѓу судиите и обвинителите, во корист на обвинителите, а ист е соодносот во проценти во платите и на судската и обвинителската администрација, во корист на втората.

    На новинарско прашање дали е во ред обвинител да има поголема плата од судија, претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски одговори: „За мене судиите се крајната инстанца и тие се највисоко на пиедесталот на една постапка“.

    Караџовски објасни дека покачувањето е само за 10 отсто и само на мартовската плата, зашто толку имало пари во касата.

    Покачувањето, рече Караџовски, ќе се случува месец за месец, зависно од тоа колку пари ќе има во касата. Ако нема пари, некои месеци и нема да има додатоци на платите. И процентот ќе зависи од тоа.

    „Се уште нема нова Влада, нема Собрание, не може ни да има ребаланс на Буџетот. Не знаеме во следните месеци колку пари ќе има во касата“, објасни тој.

    Исплаќањето на додатоци на плата за овој месец за 600-тините судии е според измените на Законот за судии донесени во декември 2015 година, каде тогашното парламентарно мнозинство изгласа зголемување на додатоците за судиите и до 30 отсто, ако има средства.

    За 2.500-те вработени во судската администрацијата, пак, Судскиот совет на денешната седница нашол можност за покачување во Колективниот договор за јавниот сектор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира