ДЕЛ ОД СУДИИТЕ НАЈАВУВААТ КРИВИЧНА ПРОТИВ В.Д. ПРЕТСЕДАТЕЛОТ РИБАРЕВ ЗА ПОПРЕЧУВАЊЕ НА ПРАВДАТА

    ДЕЛ ОД СУДИИТЕ НАЈАВУВААТ КРИВИЧНА ПРОТИВ В.Д. ПРЕТСЕДАТЕЛОТ РИБАРЕВ ЗА ПОПРЕЧУВАЊЕ НА ПРАВДАТАПред да биде соопштена одлуката дека во „Титаник“ нема да има притвор за експремиерот Никола Груевски и за останатите обвинети, в.д. претседателот Рибарев ги свикал на колегиум сите судии за да им соопшти дека направил нов годишен распоред со кој за време на одморите ги враќа на старите работни места судиите што претходно ги тргна од предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО)- Новата барокна зграда на Кривичниот суд која уште не е вселена (Фото: СДК.МК)

    Десетина судии од Основниот суд Скопје 1 најавуваат дека ќе поднесат кривична пријава против в.д. претседателот на Судот Стојанче Рибарев за попречување на правдата.

    САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека Рибарев денеска пред да биде соопштена одлуката дека во „Титаник“ нема да има притвор за експремиерот Никола Груевски и за останатите обвинети, ги свикал на колегиум сите судии за да им соопшти дека направил нов годишен распоред. Со тој распоред само за време на одморите, Рибарев ги враќа на старите работни места судиите што претходно ги тргна од предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

    Судиите со кои разговаравме велат дека со овој потег а в.д. претседателот Рибарев сака да се заштити од кривична одговорност за спречување на правдата.

    „Сега откако се заврши првата рунда против Специјалното обвинителство со отфрлање на буквално сите барања за мерки притвор, заклучно со неодобрувањето притвор на поранешниот премиер Никола Груевски и на соработниците Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер и Кирил Божиновски, нè враќаат сите што не тргнаа како опасни и неподобни судии“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК дел од вратените т.н. неподобни судии.

    Тие се уверени дека судиите со претходниот распоред ја одработија агендата со тоа што ги одбија сите притвори до еден. „Сега нема опасност Рибарев и неговите претходници да нè вратат назад на старите работни места. Нов распоред ни најави наесен, што значи, околу локалните избори“, велат судиите кои се сомневаат дека в.д. претседателот со претходните распореди ја попречувал правдата.

    Со новиот распоред, кој е втор потпишан од Рибарев за кусо време додека е на функцијата, тој сите истакнати и долгогодишни судии кои ги беше тргнал или во одделот за прекршоци, или во оддел кај што се судат стари предмети, по стариот Закон за кривична постапка, ги вратил во еден кривичен оддел. Им рекол дека сега нема веќе да има стар и нов оддел и дека тоа е тоа што тие цело време го барале, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Исклучок направил само кај судијата Иван Џолев, кого Рибарев и со овој распоред го оставил да суди во одделот за прекршоци.

    За да не се надеваат многу дека и кај нив ќе се падне како главен претрес некој од предметите од Специјалното обвинителство, Рибарев им најавил нов распоред наесен, по одморите.

    Судството овие денови е оди на колективен одмор и се враќа на први септември.

    Денешниот состанок завршил со многу дилеми кај судиите со кои Рибарев, исто како и неговите претходници Татјана Михајлова и Владимир Панчевски, си игра топло-ладно преку менувањето на распоредот.

    Изненадување било враќањето во претходна постапка на судијката Весна Димишкова,  која ѝ даде налог на специјалната обвинителка Катица Јанева за претрес во Управата за безбедност и контраразузнавање. Вратен во претходна постапка е и судијата Васе Денковски кој исто така беше тргнат од предметите за претходна постапка.

    Од прекршочниот оддел, во кривичниот оддел е вратен  и долгогодишниот судија кривичар Седат Реџепагиќ и уште осум претходно тргнати судии.

    Судиите со кои разговаравме по денешниот ненадеен состанок велат дека дури сега откако колегите ја завршиле работата со притворите, Рибарев им го дава назад она за кое што се бунеле и поднесувале приговори уште лани, по годишните распореди на Панчевски.

    Рибарев ги враќа тргнатите судии назад кога предметите (обвиненијата) на СЈО се веќе во рацете на судиите кои ги намести со претходниот распоред.

    „До новиот распоред на в.д. претседателот Рибарев околу локалните избори, очекуваме долги жалбени постапки, враќање на доработка на обвиненијата од СЈО, па дури и отфрлање на обвиненијата на СЈО од страна на судиите за оценка на обвинителните акти и предлози“, прогнозираат судиите од Основниот суд Скопје 1.

     

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира